Утрински Весник
Свет

Русија ќе отвора поморска база во Судан

Русија ќе отвора поморска база во Судан

Претседателот на Рурсија, Владимир Путин, ја одобри одлуката за отворање руска поморска база во Судан, пренесува „Анадолија“.

Според декретот потпишан од страна на Путин, прифатен е предлогот на Министерството за одбрана на Русија за формирање руска поморска база во суданскиот град Порт Судан.

Според декретот објавен вчера на владиниот веб-портал за правни информации, објектот ќе се користи за одржување, снабдување и рекреација на екипажот на руските воени бродови.

„Објектот ги исполнува целите за одржување на мирот и стабилноста во регионот, има одбранбен карактер и не е насочен против другите земји“, се вели во соопштението.

Објектот се очекува да ги вклучува крајбрежната зона, водната област и зоната за прикотвување.

Земјиштето потребно за изградба на базата ќе биде обезбедено бесплатно од страна на Судан. Суданската страна има право да ја користи наведената зона за закотвување во договор со овластеното тело на руската страна, се вели во документот.

Русија ќе има право да носи било какво оружје, муниција и друга опрема преку користење на аеродромите и пристаништата во Судан. Во оваа база која се планира да се изгради, во исто време ќе може да бидат присутни 300 вработени и 4 брода, вклучително и воени бродови со нуклеарен погон, под услов да се почитуваат нуклеарните и еколошките норми за безбедност.

Базата, кога ќе биде отворена, ќе биде втор поморски објект на Русија надвор од територијата на поранешниот Советски Сојуз, по Тартус во Сирија.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме