Утрински Весник
Македонија

Маричиќ – Бомгартнер: Франција е подготвена да помогне во реформата на правосудството во Северна Македонија

Маричиќ – Бомгартнер: Франција е подготвена да помогне во реформата на правосудството во Северна Македонија

Министерот за правда Бојан Маричиќ утрово се сретна со Сирил Бомгартнер, новиот француски амбасадор во земјава. На средбата се разговараше за продлабочување на соработката на двете земји во делот на правосудството, но и француската помош во однос на европските интеграции на земјава.

Министерот Маричиќ, во светло на случувањата околу очекуваниот почеток на преговорите за членство во Европската Унија, на амбасадорот му кажа дека Владата изминатите години многу вложила за подобрување на односите со соседната земја и Бугарскиот народ. Маричиќ истакна и дека новата методологија за преговори која се направи токму по француска иницијатива е добра можност низ преговарачкиот процес да се направи голема трансформација на државата.

Маричиќ го запозна Бомгартнер и со сите чекори кои ги презема Министерството за правда со цел подобрување на етиката, одговорноста и транспарентноста на целиот правосуден систем.

„ Сите идни чекори кои ќе ги преземеме за подобрување на работата на правосудството сакаме да се во координација со нашите европски партнери. Дополнително и оние промени кои сега ги правиме исто така се во тесна соработка со ЕУ“, кажа Маричиќ.

Бомгартнер понуди техничка, финансиска и институционална помош за забрзување на процесот на реформи во правосудниот систем, а Маричиќ и Бомгартнер се согласија ваквите средби да продолжат и во иднина и да има поинтензивна соработка за прашањата кои се во надлежност на Министерството за правда.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер