Велешкото основно јавно обвинителство донесе наредба за спорведување истрага против две лица од Куманово на возраст од 59 и 52 години поради сомнение дека сториле кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Откако првоосомничениот му помогнал на второосомничениот да отвори транспортна фирма и да започне со работа како превозник, по идеја на првоосомничениот се договориле да преземат канцелариски материјал од фирма во Приштина.
Второсомничениот заминал со товарното возило во Приштина, каде го оставил возилото за да се натовари потребниот материјал, а тој се сретнал со првоосомничениот.
По кратко време првоосомничениот отишол да види до каде е утоварот, па откако бил завршен, второсомничениот со товарното возило се вратил во Македонија, додека првоосомничениот се вратил со такси-возило.
По завршувањето на шпедициските формалности, првоосомничениот го известил второосомничениот дека со натоварената стока треба да замине во Грција, по што второосомничениот така постапил.
Меѓутоа, на на 9 ноември, движејќи се по патот Велес-Скопје, второосомничениот изгубил контрола над товарното возило и излетал од патот при што се здобил со телесни повреди.
При преглед на товарното возило, полициски службеници пронашле две пакувања марихуана во вкупна количина од 2.008 грама која второосомничениот неовластено заради продажба ја пренесувал, а во што со умисла му помогнал првоосомничениот.
Со оглед на видот и тежината на стореното кривично дело и можноста истото да биде повторено, јавниот обвинител кој постапува во предметот до Основниот суд Велес доставил предлог за определување на притвор за двајцата осомничени.