Утрински Весник
Економија

Влада: Светска банка нотира дека владините мерки ги ублажија негативните ефекти од кризата

Влада: Светска банка нотира дека владините мерки ги ублажија негативните ефекти од кризата

Владините мерки за поддршка на реалниот сектор како и заложбите за помош на најранливите категории во услови на здравствено-економска криза со фокус на идните заложби за стимулирање на националната економија на долг рок, беа тема на онлајн состанокот на премиерот Зоран Заев, министрите за финансии Фатмир Бесими и за економија Крешник Бектеши со Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово и Кун Давидсe, извршен директор во Одборот на директори на Групацијата Светска банка во Вашингтон.

На состанокот во фокус беше дискусијата за важноста на анализата заснована врз реални истражувања за информирање на одлуките за политиките кон кои треба да се насочат владините активности со крајна цел продолжување и одржување на правичен и одржлив раст.

„На состанокот од страна на Светска банка беше нотирано дека владините мерки ги ублажија негативните ефекти од кризата и беше нагласено дека заедничката соработка во однос на предлог мерките согласно светските искуства и преземената акција особено во делот на субвенционирање на платите резултираа со зачувување на работните места во микро, малите и средните претпријатија. Дополнително, мерките донесени од Владата го олеснија влијанието врз сиромашните, што беше и потврдено со пониски стапки на раст на сиромаштијата од очекуваните“, соопштија од Владата.

На состанокот се истакнала важноста домашните компании да ја подобрат конкурентноста и продуктивноста за постигнување посилен економски раст во иднина.

„Во таа насока, поддршката за компаниите треба да биде насочена кон дигитализацијата, технолошки развој, подобрување на капацитетите за управување, поддршка на диверзификација на извозот, како и спроведувањето на европскиот зелен договор. Дополнително, регионалниот развој е од голема важност за економски напредок, како и зајакнување на женското претприемништво“, се наведува во соопштението.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен