Утрински Весник
Економија

Шахпаска: Ќе има исклучоци од правилото дека недела ќе биде неработен ден

Шахпаска: Ќе има исклучоци од правилото дека недела ќе биде неработен ден

Исклучоци од правилото дека недела ќе биде неработен ден секако дека треба да има. Особено во поглед на дејностите кои се од витално значење за функционирање на општественото живеење, како што е здравството, полицијата, противпожарната служба и други дејности, вели министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Таа додава дека се прават темелни анализи и се консултираат сите засегнати страни.

Министерката заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска учествуваа на зум состанок со претставници на Сојузот на Стопанската комора на Македонија и претставници од Министерството за економија, на кој се разговараше за сите аспекти од новото законско решение за недела да биде неработен ден, иницијатива прифатена од страна на Владата.

Министерката Шахпаска ја потенцираше важноста на овие консултативни средби и можноста за отворена дискусија и учество на претставници на сите засегнати страни, со цел да се изнајде издржано решение, кое ќе одговори на потребите, но и ќе овозможи нормално функционирање на општеството.

Од страна на Сојузот на стопанската комора на Македонија беа презентирани првичните резултати од направената анкета која опфаќа 1.160 испитаници од различни сектори, а која упатува на тоа дека на прашањето за негативните последици по работењето доколку недела биде неработен ден само 25% се изјасниле дека ќе имаат негативни последици, а високи 75% дека нема да има.

Учесниците на состанокот се согласија дека оваа анкета ќе даде значаен придонес во креирањето на ова ново законско решение.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена