Низ медиумите вчера излезе сериозна вест пропратена со слики, според која фатен бил камион со нецаринета брендирана роба, која вклучува и автомобилски делови, а крајната дестинација била скопската населба Шуто Оризари, посочи на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој јавно запраша дали камионот кој ја превезувал робата е на блискиот соработник и пријател на семејството Заеви, кој имено е и сопственик на фирмата „Сакаов транс“, која пак е вршител на транспортот на робата.
„Дали робата која што се превезувала, за која што медиумите пишуваат дека е на фирмата ‘Винекс текстил’ е на блискиот пријател на Заеви и бизнис партнер во одредени бизниси на семејството Заеви, Крмзов кој пак важи и за близок пријател на братот на Зоран Заев, Вице Заев. Дали во моментите кога бил камионот однесен во полициската станица од страна на службените лица, превезувал нецаринета, односно шверцувана роба и дали има некаква белешка за тоа? Бидејќи службените лица за тоа и го застанале и го однеле во станицата“, се дел од објаснувањата кои во врска со овој случај ги побара претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој исто така посочи дека ова е вест како од времето на транзицијата, исполнето со шверц и криминал.
„Дали е вистина дека вчера откако камионот бил фатен со оваа роба која што неодицијално чини над стотици илјади евра, половина министерство за внатрешни работи, вклучувајќи ги и раководните структури на министерството се јавиле да интервенираат за камионот да биде ослободен и пуштен“, запраша Арсовски и посочи дека во овој случај МВР е најповикано и доколку има вакво заташкување, сите оние кои што ѕвонеле да ургираат треба да одговараат.