Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 6,6 степени, што се случи на 30 октомври со епицентар на отворени води во Егејското Море, кај местото Сеферхисар во Измир, се зголеми на 85 лица, пренесува „Анадолија“.
Министерот за животна средина и урбанизација на земјата, Мурат Курум, на прес-конференција во Измир изјави дека 58 згради се оштетени и уништени. Бидејќи студените временски услови влијаат на жртвите од земјотресот, Курум ги повика граѓаните да побараат засолниште во локалните гостински куќи.
„Започнавме со процесот за поставување контејнери. Во подрачјето Бајракли ќе поставиме контејнери за живеење со капацитет за 1.000 лица, на површина од 46.300 метри квадратни“, додаде тој.
Министерката за семејство, труд и социјална политика, Зехра Зумрут Селчук, исто така ги повика граѓаните да се засолнат во гостинските куќи во Измир.
„Имаме капацитет за над 7.000 лица во гостинските куќи во подрачјето. Овој број може дополнително да се зголеми според потребата“, додаде Селчук.
Таа понатаму рече дека дополнителни 5 милиони турски лири (околу 595.000 долари) ќе бидат префрлени денес за социјалната помош, што во петокот беше испратена во регионот од Министерството за семејство, труд и социјална политика.
„Околу 1.120 последователни потреси ја погодија областа по земјотресот, 43 од нив со магнитуда над 4 степени“, соопшти Управата за вонредни ситуации при Министерството за внатрешни работи на Турција (АФАД).
Во соопштението се додава дека 962 лица се повредени, 743 од нив се пуштени од болница и 219 сè уште се наоѓаат на лекување.
„Обезбедено е привремено сместување за да се задоволи итната потреба од засолништа во градот, со над 3.500 шатори, околу 24.400 ќебиња, 13.300 кревети, 5.500 комплети за спиење, 2.600 кујнски комплети и четири тушеви и тоалетни контејнери испратени во областа“, истакнаа од АФАД.
Досега, 106 лица се извлечени од урнатините, при што продолжуваат активностите за пребарување и спасување. Најновите податоци се објавени откако денес тригодишната Елиф Перинчек беше извлечена од урнатините во областа Бајракли, скоро 65 часа по земјотресот.
Претходно 14-годишно девојче беше спасено од под урнатините, 58 часа по земјотресот. Откако ѝ беше пружена прва помош, Идил Ширин беше однесена во локалната болница.
Турција е меѓу најактивните сеизмички зони во светот бидејќи се наоѓа на неколку активни линии на раседи. И во минатото претрпе разорни земјотреси.