Филипче урива рекорди секој ден. Црн петок за Македонија и граѓаните – заразени 934 лица. Бројот на активни случаи надмина 9.000, а бројот на починати се движи кон 1.000, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Власта на Заев со својата неспособност прави состојбата со пандемијата од корона вирус да биде уште полоша. Секој ден Македонија руши рекорди на нови заразени и починати. Веќе сме земја во Европа која е црн рекордер по корона статистиката. Во државата корона вирусот се шири неконтролирано. Никој веќе не води сметка на кластери. Во градинките од септември 33 деца се позитивни на корона вирусот и 109 вработени. Во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца. Во училиштата 60 ученици и 160 наставници на ниво на држава кои се со физичко присуство во училиштата се активни на КОВИД-19“, се наведува во соопштението.
Од таму велат дека амбулантата за прегледи на педијатриските пациенти во болницата Козле се наоѓа во самиот оддел во црвена зона каде се хоспитализирани пациентите со КОВИД – 19, што, според ВМРО-ДПМНЕ, само говори дека Здравствените власти лошо менаџираат со системот и создаваат дополнителна опасност.
„Лица со најтешки облици на болести се доведуваат во опасност од контакт со заразени со корона. И за сето ова властите не гледаат вина во себе, туку виновни се граѓаните. Затоа предлагаме Владата и Министерството за здравство, да овозможат и организираат, бесплатно тестирање еднаш во месецот за сите здравствени работници кои имаат потреба и кај кои постои најголем ризик да заболат. Дополнително бараме да се ослободат од работа хронично болните и сите останати ранливи категории граѓани“, се наведува во соопштението.