Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ на собраниската седница обвини дека Владата не работи ефикасно и дека поради нејзиното несериозно работење се доцни со ребалансот на Буџетот.
„Владата она што го бараше како брзо донесување на ребаланс на Буџетот за изгласување на четвртиот пакет на мерки и како процедура која што заврши во Собранието во четвртокот на 22, денеска сме 27-ми, пет дена во текот на вчерашниот ден во 20:50 часот добивме информација дека ребалансот на буџетот е вратен од Влада во Собрание. Значи пет работни дена за пет или осум амандмани за нешто, за кое што ја убедуваат македонската јавност дека се брза, дека Собранието и опозицијата се кочничари, застана во Влада пет дена“, нагласи Мицевски.
Тој додаде дека сите пратеници се сведоци, дури и тој самиот е сведок на десет буџети, десет ребаланси најмалку во ова Собрание кои се имаат донесено. Тој кажа дека Владата дури работела и во текот на викендите и веднаш ги враќала во Собрание за да има три дена за да ги разгледаат пратениците.
„Јас повеќе реагирам на работата на Владата, која што доцни со донесување на ребалансот, а од друга страна на јавноста и укажува дека брзаме да ги фатиме последните денови од октомври за да можат мерките од четвртиот сет да важат“, истакна Мицевски.