Утрински Весник
Македонија

Заев на онлајн средба со Шарл Мишел: Вложеното и оствареното нè прави подготвени за преговорите со ЕУ

Заев на онлајн средба со Шарл Мишел: Вложеното и оствареното нè прави подготвени за преговорите со ЕУ

Најважните приоритети на Република Северна Македонија во актуелниот период е да биде усвоена Рамката за преговори со ЕУ од страна на Европскиот Совет, и одржувањето на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ до крајот на годината под претседателството на Германија, беше истакнато на разговорот на премиерот Зоран Заев со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, што беше организиран онлајн и во кој учествуваа и заменик претседателот на владата за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Од Владата соопштија дека на онлајн средбата со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел било констатирано дека позитивниот исход за одржување на првата меѓувладина конференција ќе биде поттик за побрзи домашни реформи, како и позитивен сигнал за регионот со што ќе се потврди европската перспектива на Западен Балкан, како една од целите за проширување на ЕУ.

„Вложено е многу од двете страни и исто толку многу е остварено што не прави, како земја, подготвени за преговорите по поглавја за целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда“, рекол Заев.

Тој во разговорот потенцирал дека приоритети на Владата за следниот период се понатамошното унапредување на агендата за реформи на ЕУ на инклузивен начин, со вклучување на опозицијата во Парламентот, и со активно учество на граѓанското општество и меѓународните партнери.

На онлајн средбата било нагласено дека постигнатите важни резултати во зајакнувањето на независноста на судството, донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како и конечните пресуди за случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво, дополнително се подобриле и како такви се констатирани и во годишниот извештај на Европската Комисија за Северна Македонија.

„Северна Македонија ќе ги засили своите напори и ќе донесе понатамошни опипливи и одржливи резултати во клучните реформски области, особено во областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против организираниот криминал и корупцијата“, рекол премиерот.

Заев истакнал и дека Владата е посветена на спроведување на обврските од Договорот од Преспа и од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија и дека сите преостанати прашања ќе се затворат низ билатерални средби и во пријателска атмосфера.

Мишел на онлајн средбата потсетил дека еден од неговите први приоритети кога го презеде мандатот во ЕС, беше интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, и во таа насока високо ја оценил посветеноста Влада и на граѓаните на Северна Македонија во остварувањето европските стандарди во сите области, вклучувајќи го и усогласувањето на националните надворешни политики со оние на ЕУ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?