Утрински Весник
Економија

Народната банка склучи договор со ЕЦБ за заштита на банкнотите во евра од фалсификување

Гостиварец пазарел со фалсификувани банкноти од 50 евра
Ss2

Народната банка склучи договор за соработка со Европската централна банка (ЕЦБ) во сферата на заштитата на банкнотите во евра од фалсификување. Со ова, велат од Народната банка, се остварува уште еден чекор во исполнувањето на препораките од најновиот извештај на Европската комисија и се потврдува цврстата стратегиска определба на Народната банка за чекорење по патот кон Европскиот систем на централни банки.

Минатата година, Народната банка склучи и договор со Европската комисија за соработка во сферата на заштитата на кованите евра од фалсификување.

Со договорот потпишан од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, е предвидено ЕЦБ, на барање на Народната банка, да обезбедува технички информации за оригиналните банкноти во евра, како и информации поврзани со фалсификуваните банкноти во евра. Врз основа на овие информации, отсега, Народната банка ќе може полесно да ги класифицира регистрираните фалсификати на територијата на нашата земја. Истовремено, предвидено е Народната банка да испраќа редовни месечни извештаи до ЕЦБ со коишто ќе ја известува за сите регистрирани фалсификувани банкноти во евра откриени на територијата на нашата земја.

„Преку ваквата соработка се овозможува Народната банка уште повеќе да придонесе во справувањето со фалсификувањето на еврото, како централна банка партнерка на ЕЦБ. Со тоа се создава простор нашата централна банка дополнително да ја потврди не само својата определба, туку и својата подготвеност да биде конструктивен член на европското централнобанкарско семејство и да дава уште поголем придонес за јакнење на европската макрофинансиска стабилност“, соопштија од Народната банка.

Со склучувањето на Договорот со ЕЦБ се заокружува рамката на соработката во однос на заштитата на еврото. Истовремено, Народната банка засилено работи и на унапредување и усогласување на правната рамка и на методологијата на системот за борба против фалсификувањето на еврото, согласно со најдобрите европски искуства и практики.

Извор: Makfax

Ss1

Можете да прочитате

МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6 отсто од БДП

Над 3,15 милиони патници минатата година транзитирале на скопскиот и охридскиот аеродром

РКЕ: Минатата година само 2,75 проценти од струјата била обезбедена од увоз