Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваа на отпочнување на капиталниот проект за изградба на фекална канализација во населеното место Гоце Делчев.
„Покрај ова населено место, ќе ги земеме предвид и барањата на жителите од Чукур Маало, од Трубарево и Дунак Маало од Јурумлери. Целта ни е да се создадат еднакви услови за да можат сите граѓани во овие две населени места да бидат приклучени на фекална канализација, а септичките јами да станат минато и на тој начин да покажеме дека навистина се грижиме за заштита на човечката околина, а со тоа да влијаеме и понатаму затоа што заслужуваат достоен живот. Во моментот работиме на фекална канализација во Трубарево и во Јурумлери. Продолжуваме со исто темпо и во населените места Смилковци и Црешево. Исто така неопходно е да се смени и свеста кај населението, да можат да влијаат на зачувување на животната средина, особено кога имаат вода во домаќинствата а немаат одводни системи. Проекти за нови одводни системи правиме за населените места Идризово и Брњарци, а за Страчинци е веќе целосно подготвен проектот, а за Булачани и за Раштак се при крај. Со ова ќе ја завршиме целата наша обврска за сите 25 населени места да обезбедиме достојни услови за живот на сите граѓани во општина Гази Баба“, рече Георгиевски.
Првата фаза за изградба на фекалната канализација во Гоце Делчев чини 12 милиони денари, средства издвоени од општина Гази Баба, а вкупниот проект ќе изнесува 84 милиони денари.