Утрински Весник
Македонија

Во мобилната амбуланта на Клиниката за пулмологија дневно се прегледуваат по 70-80 пациенти

Во мобилната амбуланта на Клиниката за пулмологија дневно се прегледуваат по 70-80 пациенти

Во новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел на Клиниката за пулмологија за еден месец се извршени повеќе од 1.820 прегледи и контроли, соопшти Министерството за здравство.

Во просек, дневно, доаѓаат меѓу 70-80 пациенти за преглед или за контрола, закажани преку системот МојТермин, како и за време на дежурство во вечерните часови.

„Во изминатиот период зголемен е бројот на пациенти за преглед“, информира директорот на Универзитетската клиника за пулмологија, д-р Дејан Докиќ.

Во новиот објект се наоѓаат четири ординации, две амбуланти за пациенти преку МојТермин, една за прием на интервентни пациенти и приоритетни упати, и една за контролни прегледи. Две простории – дневни болници се наменети за сместување амбулантски пациенти, како и кабинетите за спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања, за ЕКГ, две посебни чекални и други помошни простории.

„На овој начин пациентите коишто имаат проблеми со белите дробови ги одделуваме од сите други пациенти во останатите амбуланти, кои претходно сите беа на едно место, и со тоа го намалуваме ризикот од трансфер на коронавирусот на пациентите кои доаѓаат овде во Клиничкиот центар и за друга симптоматологија“, посочува д-р Докиќ.

Од МЗ наведуваат дека во новиот објект во целост се почитуваат сите мерки за заштита на пациентите, на влез се мери температура, секој добива електронско бројче во чекалната, а посебно назначени лица ги насочуваат пациентите внатре во амбулантите. Во посебни простории се изведуваат различни дијагностички и амбулантски процедури, што создава можност за помала концентрација на пациенти на едно место и запазување на мерките и протоколите, кои го спречуваат ширењето на коронавирусот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија

Нема да се гради асфалтна база во Визбегово, вели Меџити

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош