Американскиот производител на лекови „Илај Лили енд компани“ соопшти дека ги запреле клиничките испитувања на терапијата против Ковид-19 спонзорирани од владата поради прашањето на нејзината безбедност, пренесува „Ројтерс“.
Според агенциите, причината е прашањето за нејзината безбедност.
„Илај Лили енд компани“ не ги коментираше импликациите од прекинувањето на клиничките испитувања.
Компанијата објави претходно овој месец дека ќе аплицира за итна дозвола за употреба на терапија со антитела, лекот LY-CoV555, за пациенти со умерен до средно сериозен облик на Ковид-19, врз основа на податоците собрани во друго клиничко испитување.
„Илај Лили енд компани“ е производител на лекови против Ковид-19 кои содржат антитела, слични на оние што ги земаше американскиот претседател Доналд Трамп.
На видеото што минатата недела го објави на социјалните мрежи, Трамп ја претстави терапијата со антитела произведени од „Илај Лили енд компани“, заедно со терапијата на компанијата „Регенерон“, како лек за Ковид-19.
Објавата на „Илај Лили енд компани“ дојде еден ден откако компанијата „Џонсон енд Џонсон“ објави дека е принудена привремено да го прекине тестирањето на својата експериментална вакцина против коронавирусот, откако на еден доброволец му се слошило.
Компанијата соопшти дека сè уште не знае дали лицето примило соодветна вакцина или плацебо.