Народната банка од октомври почнува со редовно објавување нови подетални прегледи со податоци за состојбата на вложувањата на резидентите во странски хартии од вредност.
Во досегашните статистички прегледи за портфолио-инвестициите на нашите резиденти во странство беа опфатени неколку димензии на вкупните, сопственичките и должничките хартии од вредност – приказ врз основа на земјата во која се инвестира, врз основа на оригиналната валута (за вкупните вложувања), врз основа на секторот на домашниот инвеститор, како и врз основа на рочната структура на должничките хартии од вредност.
„Во новите прегледи, податоците за вложувањата во странски хартии од вредност ќе бидат прикажани врз основа на неколку вкрстени димензии. Имено, со новите прегледи ќе се овозможи вкрстено прикажување на податоците за портфолио-инвестициите според институционалниот сектор и земјата на издавачот на странската хартија од вредност, како и според институционалниот сектор на домашниот инвеститор и институционалниот сектор на издавачот на странската хартија од вредност, за одредена група земји“, соопштија од Народната банка.
Со вкрстеното прикажување на податоците според наведените обележја, додаваат од таму, значително се зголемува аналитичката вредност на објавените податоци за портфолио-инвестициите – средства во рамките на извештајот за меѓународна инвестициска позиција. Воедно, новите прегледи ќе се доставуваат и до Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на истражувањето за портфолио-инвестиции (КППИ), како дел од статистичкиот стандард СДДС плус.
Во согласност со календарот на објавување податоци, овие податоци ќе се објавуваат на редовна полугодишна основа и ќе бидат достапни преку статистичкиот веб-портал на Народната банка „НБСтат“.
Проширениот сет расположливи статистички податоци за портфолио-инвестициите, со податоци со состојба за 30 јуни 2020 година, веќе е објавен на веб-порталот „НБСтат“.