Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференцијата со премиерот, Зоран Заев, во седиштето на НАТО, кажа дека бројките на новозаразени од коронавирус растат во цела Европа како и во Северна Македонија и од тие причини НАТО продолжува со поддршката за земјата со нов ковид-пакет во медицинска и друга опрема вреден 1,4 милиони евра.
На прес-конференцијата во рамките на официјалната посета на владина делегација на седиштето на НАТО во Брисел, во чиј состав се и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, премиерот Заев, рече дека посетата на седиштето на алијансата како негова прва официјална меѓународна посета на почетокот на вториот мандат, ја потврдува посветеноста за активно учество и исполнување на обврските што произлегуваат од нашето членство во НАТО.
„Станавме полноправна членка на крајот на март 2020 година, во исто време кога пандемијата од КОВИД почнуваше да се шири. И покрај пандемијата и последиците од неа, имавме многу топло добредојде како нова членка на НАТО и веднаш бевме сведоци на силната солидарност од нашите сојузници. Сојузниците на НАТО обезбедија помош за нашиот здравствен сектор и за справување со последиците од КОВИД-19. Ние сме многу благодарни за тоа и нашите граѓани сега уште повеќе ги осознаваат пошироките придобивки од нашето членство во НАТО“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата во Брисел.
Во однос на регионот, Заев истакна дека Западен Балкан сè уште се соочува со различни предизвици и затоа, како што кажа, постои потреба за негова јасна перспектива во НАТО и ЕУ, бидејќи се покажа дека тоа е од суштинско значење за градење на безбедна средина што овозможува понатамошен просперитет.
„Западен Балкан не е изолиран остров. Тој е неразделно поврзан со западноевропските и трансатлантските вредности, и Северна Македонија ќе продолжи да биде силен промотор на регионална политичка и одбранбена соработка и дијалог, преку структурирање на регионални активности и иницијативи што ќе ги подобрат нашите одбранбени способности и ќе развијат интероперабилност, како за заеднички интереси, така и за наши индивидуални цели“, рече Заев.