Младата македонска репрезентација забележа убедлива победа во Казахстан (1:4) во рамките на квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство. Со оваа победа Македонските надежи се зацвртсија на втората позиција на табелата во Групата 6 со 13 бодови.
Дарко Чурлинов ја режираше победата на Македонија во Казахстан со два гола. Првиот гол на играчот на Штутгарт е вистинско ремек-дело. Во 38 минута тој се ослободи од двајца противнички играчи и со разорен удар од 25 метри го совлада голманот на Казахстан. Три минути подоцна Јани Атанасов ја зголеми предноста на Македонија.
По три минути игра во второто полувреме Чурлинов со својот втор гол ги тргна сите дилеми околу конечниот победник на овој натпревар.
Казахстанците во 52 минута го намалија резултатот преку Омиртаев, а две минути подоцна не реализира пенал.
Во 56 минута стрелецот на голот за Казахстан поради вториот жолт картон мораше да го напушти теренот.
Предноста од играч повеќе македонските фудбалери ја искористија во 67 минута кога Дарко Митревски зголеми на 4:1.
Во 70 минута Казахстанците останаа со уште еден играч помалку, директен црвен картон доби Оринбасар.
Во наредната рунда, на 13 октомври, Македонија ќе го пречека Израел.
ФОТО: FFM.mk
> Македонија славеше во Казахстан – проектилот на Чурлинов ја најави победата <