Утрински Весник
Свет

Германија во следните денови очекува бројки и од по 10.000 новозаразени

Во Германија повеќе од 1.800 заразени за еден ден

Бројот на потврдени случаи на коронавирус во Германија се зголеми за 4.058. Досега има вкупно 310.144 регистрирани инфекции. Во исто време, проширенa e листата на земји и региони со висок ризик.

Ваков скок на бројот на новозаразени лица во Германија не е забележан од април. Институтот „Роберт Кох“, кој ги објавува најновите дневни податоци, наведува дека во наредните денови може да се очекуваат и по 10.000 нови случаи на ден.

Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, предупредува дека ситуацијата е загрижувачка и дека мора да се запре експоненцијалното ширење на вирусот.

„Бројот на нови инфекции надмина 4.000. Тој е скоро двојно зголемен и експоненцијално расте. Секој мора да стори сé за инфекцијата да не излезе од контрола“, напиша високиот функционер од редот на владејачките демохристијани, Норберт Ретген.

Во Берлин и Франкфурт веќе се воведени ограничувачки мерки, а рестораните се затворени навечер. Во земјата на сила се и строги правила за задолжително носење маски и одржување на далечина.

Германија повторно го ажурираше списокот на ризични региони и земји и на неа ја стави целата територија на Грузија, Романија, Тунис и Јордан, како и делови од Словенија, Хрватска, Бугарија, Литванија, Словачка, Унгарија и Холандија.

Агенцијата СТА информира дека шест од 12 региони во Словенија се на црвената листа на Германија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Три тела извлечени од потонатиот туристички брод во близина на брегот на Египет

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата