Додека мафијата на власт се богати и стекнува имоти и во странство, народот тоне во сиромаштија, истакна на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој нагласи дека Зоран Заев како премиер со денови го избегнува скандалот за кој пишувале странски медиуми – дека Заеви, нивни блиски луѓе до семејството стекнале ексклузивен имот на Халкидики во Грција.
„Дали Кланот Заеви метастазира до степен да го зафати целиот регион?“, запраша Арсовски нагласувајќи дека Македонија поради Заев станува предмет на регионална опсервација.
„И македонската јавност и регионалната јавност отворено прашуваат уште колку имоти имаат Заеви надвор од Република Македонија, во време кога земјата е една од најсиромашните и на врвот по корупција во Европа“, нагласи партискиот портпарол.
Според него, ова е добар приказ за вистинското лице на Република Македонија.
„На една страна е мафијата на власт, на друга страна е сиромашниот народ. Македонија забрзано оди кон економски колапс дури хациенди никнуваат во Грција или кој знае каде на друго место во Европа и светот“, обвини Арсовски додавајќи дека јавноста мора да добие одговори.