Утрински Весник
Свет

Белата куќа ги поддржа новите упатства на ФДА за проверка на вакцините против Ковид-19

Белата куќа ги поддржа новите упатства на ФДА за проверка на вакцините против Ковид-19

Белата куќа ги одобри новите безбедносни стандарди за вакцините против коронавирус откако првично се спротивстави на насоките според кои е малку веројатно дека некоја вакцина ќе биде одобрена пред изборите, пренесува „Њујорк пост“.

Администрацијата за храна и лекови (ФДА) вчера ги објави стандардите според кои производителите на лекови мора да ги следат учесниците во испитувањето најмалку два месеци за да се исклучат безбедносните проблеми, вклучително и негативните несакани ефекти, пред да се побара итно одобрување.

Според „Асошиејтед прес“, упатствата беа предложени од ФДА пред две недели, но претставниците на Белата куќа се спротивставија на планот врз основа на двомесечното барање на податоци, тврдејќи дека нема клиничка или медицинска причина за тоа.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека би сакал вакцината да биде готова пред претседателските избори на 3 ноември и минатиот месец тврдеше дека предлогот на ФДА можеби е политички потег.

Претставници на Белата куќа првично одбија да ги одобрат упатствата на разговорите со претставници на ФДА, но на крајот ги отфрлија приговорите и го поддржаа планот, изјавија извори за „Волстрит журнал.

Комесарот на ФДА, Стивен Хан, рече дека се надева оти упатствата ќе ѝ помогнат на јавноста да го разбере нивниот процес на носење одлуки кој се базира на науката, што обезбедува квалитет, безбедност и ефикасност на вакцините.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Русија врати седум украински деца со посредство на Катар

Ново разрешување од функција на висок претставник во кинеската армија поради истрага за „сериозно кршење дисциплина“

Американска база од 1959 година забележана под 30 метри мраз на Гренланд