Утрински Весник
Свет
Img 7972

Повеќе од четири милиони Американци гласаа порано, се очекува рекорден одѕив

Повеќе од четири милиони Американци гласаа порано, се очекува рекорден одѕив
Img 7972

Бројот на Американци што гласаа пред претседателските избори во ноември е без преседан, според податоците за предвремено гласање, што може да биде навестување за рекорден одѕив на изборите, на кои се кандидати сегашниот претседател Доналд Трамп и демократот Џозеф Бајден.

Четири недели пред изборите на 3 ноември, повеќе од четири милиони Американци веќе гласаа, што е далеку повеќе од околу 75.000 пред претседателските избори во 2016 година, укажува Американскиот изборен проект, кој собира податоци за предвремено гласање, јавува „Ројтерс“.

Поголемиот одѕив беше поттикнат од одлуката на многу држави да дозволат предвремено гласање и гласање преку пошта од поголем обем поради пандемијата на коронавирусот, но и од желбата да се донесе одлука за политичката иднина на Трамп, изјави Мајкл Мекдоналд од Универзитетот во Флорида, кој го предводи проектот.

„Никогаш не сме виделе толку голем број луѓе да гласаат многу порано. Луѓето гласаат кога ќе донесат одлука кому да дадат поддршка, а ние знаеме дека голем број веќе одлучија и веќе имаат мислење за Трамп“, рече Мекдоналд.

Поради наглото зголемување на бројот на гласачи кои гласаа порано, Мекдоналд предвидува рекордна излезност од околу 150 милиони, што е 65% од Американците со право на глас, и тоа би бил највисок процент од 1908 година, пренесува „Гласот на Америка“.

Според анкетите, Бајден има предност во однос на Трамп, иако истражувањата во земјите што би можеле да бидат одлучувачки на изборите укажуваат на тесна трка.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Трамп одлучи: САД ќе продаваат ракети „Томахавк“ на НАТО, дел ќе завршат во Украина

Трамп: Грета Тунберг има проблем со гневот – треба да посети лекар

Фон дер Лајен: Не смееме да паднеме во стапицата на Путин за поделби во ЕУ