Меган Маркл, војвотката од Сасекс, во вторникот изјави дека нејзините јавни коментари честопати биле погрешно протолкувани од критичарите и дека „не биле контроверзни“.
Меган, родена во Америка, ги повика луѓето да промовираат позитивност на Интернет и заедно со нејзиниот сопруг принцот Хари ги охрабри Американците да гласаат на претседателските избори во ноември. Тоа предизвика реакција во некои кругови затоа што кралското семејство на Велика Британија традиционално не се впушта во политика.
Како одговор на прашање на самитот на најмоќни жени, во организација на магазинот „Форчн“, Меган рече дека се обидува да биде автентична во коментарите во јавноста и дека нејзините ставови честопати се погрешно сфатени.
„Ако погледнете назад во она што сум кажала, навистина е интересно бидејќи тоа што се чини инфламаторно е толкувањето на луѓето за тоа“, рече Меган. „Но, ако го слушате она што јас всушност го велам, тоа не е контроверзно“.
Во вторникот, Меган ги охрабри луѓето да избегнуваат кликнување на дезинформации на Интернет и да пријавуваат коментари кои не се вистинити, особено во период пред изборите во ноември.
Хари и Меган сега живеат во Јужна Калифорнија откако во март се повлекоа од своите кралски улоги за да создадат нови кариери. Тие се иселија од Велика Британија во услови на непријателски настроени медиуми.
Минатиот месец парот потпиша договор со стриминг-гигантот „Нетфликс“ за да продуцира филмови и ТВ серии.