Утре на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје доаѓа уште една генерација студенти, со што се означува почетокот на новата академска 2020/2021 година.
Негувајќи ја традицијата за свечен пречек на новите академски граѓани, факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организираат први академски часови.
Во таа насока, ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски ќе присуствува на првите академски часови на студентите на:
· Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој ќе се одржи на отворено на платото пред Факултетот, со почеток во 11, 00 часот, и на
· Филозофскиот факултет кој ќе се одржи на отворено на платото на Факултетот, со почеток во 12, 30 часот.
Од правниот факултет информираат дека настанот се организира согласно применливите протоколи, а ќе биде емитуван во живо преку Facebook страницата на Правниот факултет и преку ZOOM платформата.
Ректорот Јанкуловски, исто така, ќе се обрати онлајн и на првиот академски час на студентите на Економскиот факултет.
Инаку, првиот час и наставата во оваа академска година на дел од факултетите на УКИМ ќе се одвива целосно онлајн, но на дел од факултетите поради природата на наставните содржини и на методите на нивното изучување, наставата ќе се одвива хибридно, и онлајн и со физичко присуство.
Обраќајќи им се на студентите на овие факултети, ректорот Никола Јанкуловски, симболично со порака ќе им се обрати на сите новозапишани студенти на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.