Утрински Весник
Свет

Сиси: Надворешни сили се обидуваат да го дестабилизираат Египет

Сиси: Надворешни сили се обидуваат да го дестабилизираат Египет

Претседателот на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси, предупреди во неделата на надворешните сили кои се обидуваат да предизвикаат немири во земјата по неодамнешната серија антивладини протести поттикнати од лидерот на опозицијата во егзил, пренесува „Нејшнел“.

„ Има луѓе кои ве исполнуваат со страв и со сомнеж. Луѓето не можат да бидат измамени со зборување дури и ако се соочуваат со тешкотии. Тие неидентификувани групи се обидуваа да поттикнат пожар во изминатите неколку недели, обидувајќи се да ги искористат тешките ситуации што ги создаваме со воведување на економски реформи. Државата и народот се обединети и никој не може да влезе меѓу нив “, рече Сиси во телевизискиот говор во неделата во Каиро.

Сиси се осврна на неодамнешните мали по обем антивладини протести во неколку села во Египет. Вестите и видеата од протестите беа масовно споделени низ социјалните мрежи, особено од симпатизерите на забранетото Муслиманско братство.

Сиси дојде на власт во Египет во јули 2013 година, откако тогашниот претседател и лидер на Муслиманското братство, Мохамед Морси, беше оборен со воен удар. Морси беше првиот демократски избран претседател во историјата на земјата.

Според „Араб њуз“, протестите почнале како одговор на тековните кампањи на египетската влада за запирање на нелегалното градење, со кои се бара луѓето да плаќаат казни за да ја легализираат сопственоста на домот. Иницијативата најсилно ги подоги руралните и областите со ниски приходи.

Немирите околу економските реформи дополнително ги поттикна бизнисменот во егзил, Мохамед Али, кој е противник на Сиси и повикува на масовни демонстрации уште од септември минатата година. Неговиот последен повик за антивладини протести изминатите неколку недели директно придонесе за протестите во селата.

Во говорот во неделата, Сиси им се заблагодари на мнозинството Египќани што не ги послушаа повиците за протест, велејќи дека владата ги спроведува новите мерки како дел од неопходните економски реформи за стабилизирање на Египет.

Египетското МВР викендов соопшти дека државните безбедносни сили уапсиле четири лица вклучени во антивладини протести во јужниот град Луксор. Наводно, кај групата биле пронајдени молотови коктели што тие имале намера да ги искористат за да поттикнат немири. Полицијата привела и група луѓе кои се обиделе да запалат полициски автомобил во градот Бадрашен, во провинцијата Гиза.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години