Утрински Весник
Свет

Гватемала: Две лица загинаа при уривање на украден авион

Гватемала: Две лица загинаа при уривање на украден авион

Деловен авион чија кражба била пријавена во Мексико се урнал во џунглите на Гватемала недалеку од скриената писта по мистериозното заминување во Венецуела, при што загинале двајца мажи, кај кои биле пронајдени наркотици и оружје.

Во соопштението на војската на Гватемала се вели дека авионот „Хокер-800“ паднал во планинскиот дел на регионот Алта Верапаз, но дека идентитетот на загинатите сè уште не е утврден. Покрај нивните тела биле пронајдени три килограми кокаин и оружје.

Авионот полетал од аеродромот Куернавака, околу 70 километри јужно од Мексико, без дозвола и план за лет, а потоа слетал на пистата „Зулија“ во северозападна Венецуела, недалеку од границата со Колумбија.

Оттаму летал за Гватемала каде што се урнал.

За кражбата на авионот биле известени локалните и федералните власти на Мексико.

Високиот мексикански службеник Пабло Охеда изјави дека три лица влегле на аеродромот „Куернавака“ и дека двајца тврделе дека се механичари кои треба да извршат пробен лет.

Мексиканското Министерство за транспорт објави дека е покрената истрага.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Мексиканците ќе бидат првите кои сами ќе избираат судии – повеќе од 34.000 кандидати за 881 судија

Пекинг со тврдење дека ниту САД ниту Кина нема да имаат корист од трговска војна

Русија ги брише талибанците од листата на терористи