Неколку лица се повредени кога полицијата употребила водни топови за време на протестот во Минск, а повеќе од 10 лица се приведени, пренесува „Ројтерс“.
Според очевидци на британската агенција, илјадници луѓе денеска излегле на улиците во Минск во знак на протест против ненадејната инаугурација на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.
Демонстрантите носеле знамиња на опозицијата во црвена и бела боја, а автомобилите свиреле додека поминувале во знак на солидарност. Руската новинска агенција „Интерфакс“ објави дека неколку лица биле повредени кога биле употребени водни топови, а РИА соопшти дека повеќе од 10 лица биле приведени во притвор.
Демонстрантите почнале да се собираат во мали групи во Минск, некои извикувале: „Саша (прекар за Лукашенко), излези, ќе ти честитаме!“
Опозицискиот политичар Павел Латушко рече дека полагањето заклетва било како тајна средба на крадците.
Лукашенко денеска положи заклетва за новиот мандат на претседателот на Белорусија на ненадејна инаугурација, која претходно не беше најавена.