Утрински Весник
Свет

Курц: Планот за задолжителна распределба на азилантите во ЕУ не успеа и нема да функционира

Курц: Планот за задолжителна распределба на азилантите во ЕУ не успеа и нема да функционира

Австрискиот канцелар Себастијан Курц тврди дека ЕУ треба да се фокусира на зајакнување на своите надворешни граници и на борбата против шверцерите на луѓе наместо да заживее план што ќе ги принуди земјите-членки да ги населуваат бегалците, пренесува РТ.

ЕУ е подготвена да ја објави новата предлог-политика за азил. Сепак, враќањето на задолжителните квоти за прифаќање мигранти е осудено на неуспех, смета Курц.

„Откриваме дека распределбата на барателите на азил во Европа е неуспешна и многу држави го отфрлаат ова. Нема да функционира вака“, рече Курц за Франс прес.

Тој рече дека земјите-членки треба да се фокусираат на обезбедување на надворешните граници на ЕУ и наместо тоа да се борат против шверцерите со мигранти, како и да им помагаат на земјите од каде доаѓаат бегалците.

„Европската Унија не е само Германија и Франција … малата или средна држава се разбира дека секогаш треба да бара сојузи, а во ЕУ со 27 земји-членки може да се наметнуваат идеи само ако има други што ги поддржуваат“, смета тој.

Повеќе од еден милион мигранти пристигнаа во Европа само во 2015 година од Блискиот Исток и од Африка. Брисел се обиде да се справи со приливот на мигранти принудувајќи ја секоја земја-членка да прифати и насели одреден број луѓе. Сепак, Австрија и другите помали држави во Централна и Источна Европа, како што се Полска, Унгарија и Чешка, се побунија против оваа шема.

Комесарот за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, вети дека ќе ја измени политиката за азил, правејќи ја пофлексибилна. Но, таа истакна дека е потребен заеднички пристап за да се обезбеди олеснување за државите кои се наоѓаат на фронтовската линија на мигрантската криза, како што е Грција.

Таа додаде дека со заедничка политика ќе се реши прашањето за пренатрупани бегалски кампови, како што е озлогласениот логор Морија на грчкиот остров Лезбос, кој беше опустошен од пожари претходно овој месец.

„На сите им е очигледно дека ад хок солидарноста или доброволната солидарност не е доволна. Тоа е докажано веќе многу години. Солидарноста мора да биде задолжителна”, рече Јохансон.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Роберт Кенеди Џуниор го распушти Одборот за вакцини поради судир на интереси

Пентагон испраќа околу 700 маринци во Лос Анџелес

Иран ја проширува забраната за шетање кучиња во дваесетина градови