Утрински Весник
Македонија

Заштитата на културното наследство, младите и евроинтеграциите – трите главни столба во мандатот на министерката за култура

Заштитата на културното наследство, младите и евроинтеграциите – трите главни столба во мандатот на министерката за култура

Заштитата на културното наследство, евроинтеграциите и младите се трите главни столба во Програмата на Владата и во мојот мандат како министерка за култура, изјави Ирена Стефоска.

„ Јас и мојот тим во оваа насока имаме благородна и одговорна мисија зашто културата и уметноста не познаваат граници и не ги делат луѓето ниту по етничка ниту по партиска ниту, пак, по родова, генерациска и која било припадност. Клучниот документ што ги дефинира основите на нашата мисија во културата е Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018 – 2022 година, која беше изгласана во Парламентот без ниеден глас против. Ова подразбира обезбедување и осовременување на условите за работа на институциите, на независната сцена и на поединците“, нагласи министерката за култура Стефоска.

Таа истакна дека суштинската грижа за недвижното, движното и нематеријaлното богатство е врвен приоритет на нејзиниот министерски кабинет, а, впрочем, едно од клучните барања и на ЕУ кон Република Северна Македонија е токму заштитата на културното наследство.

Стефоска во своето излагање пред новинарите се осврна на обврските кон УНЕСКО, Охрид и Охридскиот Регион и потсети дека како поранешна претседателка на Комисијата за култура во Собранието, беше иницијатор за организирање на Надзорна расправа за Охридскиот Регион, од која произлегоа 22 заклучоци. Таа посочи дека не е помалку важно што во рамките на Програмата за прославување на јубилеи на историски настани и еминентни личности за периодот 2020 – 2021 година на 40. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО беа потврдени двата јубилеја предложени од нашата држава.

Таа рече дека нејзина прва задача како министерка е да овозможи воспоставување на ефикасен систем за заштита на културното наследство и макотрпно, заедно со тимот и институциите, да работи на раскрстувањето со вандалскиот однос кон нашето наследство.

„ Уште веднаш по моето стапување на должност, од надлежните институции побарав детални податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново каде што по 7 години изготвување проекти, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство иако со децении сме сведоци на ужасната состојба во која се наоѓа црквата. Замислете, зборувам за културно добро од 12 век, со светска вредност!“, истакна министерката за култура Стефоска.

Таа пред новинарите изрази зачуденост, зошто во последниве децении црквата „Св. Ѓорѓи“ не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност иако Законот за заштита на културното наследство го наложува тоа. Стефоска посочи дека таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот.

Таа пред новинарите истакна дека нема да бидат заборавени и спомениците од НОБ кои се еднакво важен сегмент во нашата културна меморија.

Министерката за култура Стефоска го истакна и проблемот со задоцнетите плати во културата за кој беше информирана јавноста, кој се реши и се решава со мачна, деноноќна работа на сите надлежни служби во Министерството.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија