Утрински Весник
Македонија

(Видео) Заев-Гир: Во претстојниот период очекуваме успешна завршница на подготовките на преговарачката рамка

(Видео) Заев-Гир: Во претстојниот период очекуваме успешна завршница на подготовките на преговарачката рамка

Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска го прими новоименуваниот амбасадор на ЕУ во нашата земја, неговата екселенција Дејвид Гир.

Тој на амбасадорот Гир му посака топло добредојде и изрази благодарност за соработката со неговиот претходник амбасадорот Самуел Жбогар, како и за посветеноста на сите минати шефови на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, чиј придонес и активно учество во евроинтегративниот процес на нашата земја претставува голема инспирација и поддршка за посветеноста за остварување на членство на Северна Македонија во ЕУ и за обезбедување на нашата европска иднина.

На средбата беше истакнато дека мандатот на амбасадорот Гир речиси се совпаѓа со мандатот на новата Влада, и дека во претстојниот период од само неколку месеци, заедно со Делегацијата на ЕУ во Скопје, се очекува успешна завршница на подготовките на преговарачката рамка и нејзина презентација на Советот за општи прашања, односно на ГАК на ЕУ, на 10 ноември, по што следува и одржувањето на првата меѓувладина конференција во декември.

Претседателот на Владата Заев и амбасадорот на ЕУ Гир, веднаш после средбата одржаа и прес-конференција на која информираа за содржината на разговорот, при што премиерот Заев нагласи дека подготовките и утврдувањето на преговарачката рамка меѓу Брисел и Скопје се подготовки за неповратен процес и изрази исклучително задоволство од драфтот на преговарачката рамка предложена од страна на Европската Комисија.

„ Нашата намера е да ја активираме брзата трака на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Што се однесува до нашата страна, нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но, нагласувам, наша свечена обврска е да не го дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните“, нагласи Заев и додаде дека она што внесува оптимизам се и сигналите од нашите европски партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување во фазата за завршни преговори.

Премиерот Заев потенцираше дека со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, и дека имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство.

„ Духот на добрата волја и пријателството коишто произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, не обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности“, рече премиерот Заев.

Заев подвлече дека амбасадорот Гир го започнува својот мандат во време кога се соочуваме со планетарна криза без преседан заради пандемијата со КОВИД-19, и дека сите земји мораа бргу да се реорганизираат и да бидат креативни во носењето на мерки кои ќе го заштитат нашиот демократски поредок на живеење, современите столбови на економијата и здравјето на граѓаните.

„ Би сакал да ја искористам оваа прилика и на новиот амбасадор Гир, да му заблагодарам за поддршката, помошта која Северна Македонија ја доби и ја добива од своите партнери во Европската Унија во борбата со КОВИД-19“, истакна Заев и додаде дека и покрај здравствено-економската криза Владата останува фокусирана на создавањето услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование и стабилно општество и внатрешна кохезија.

Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, од своја страна на прес-конференцијата ја потврди определбата на Европската Унија да го помогне процесот на интеграција во ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција за време на претседавањето на СР Германија, како признание за остварените реформи досега и како поттик за целосна имплементација на европските стандарди како суштина на процесот.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал