Според податоците на релевантни меѓународни организации, на светско ниво, 2% од загинатите лица во сообраќајни незгоди се велосипедисти, а најчести смртоносни повреди кај велосипедистите се повредите на глава. Кај нас во просек годишно десетина велосипедисти го губат животот во сообраќајни незгоди, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, велосипедист кога учествува во сообраќај треба да носи заштитен шлем, односно кацига, но законот не предвидува никаква санкција доколку велосипедистот не користи заштитен шлем, односно кацига.
Една од причините зошто законот не предвидува задолжително користење заштитна кацига е фактот што голем број велосипедисти, а исто така и Европската велосипедска федерација сметаат дека доколку користењето заштитна кацига е задолжително и доколку некористењето заштитна кацига се санкционира, тогаш значително ќе се намали бројот на лица кои користат велосипед како сообраќајно превозно средство и на тој начин ќе се изгубат сите придобивки кои ги носи користењето на велосипедот како превозно средство.
Согласно наведеното, дали ќе користи кацига или не, одлуката ја носи самиот велосипедист.
РСБСП со информации и практични совети зошто е добро велосипедистите да носат соодветна опрема, пред сè заштитна кацига и како правилно истата да ја користат:
Заштита од повреда на главата – Според меѓународни истражувања, при сообраќајна незгода со велосипед од 22% до 47% од велосипедистите се здобиваат со повреди на главата. – 75% од загинатите велосипедисти во сообраќајни незгоди се поради здобиени повреди на глава.
Заштита од надворешни временски влијанија – Заштитната кацига ја штити главата од директна изложеност на сонце и во случај на дожд не дозволува дождот да се слева кон очите, со што се подобрува видливоста кај велосипедистот.
Видливост – Една од причините поради коишто страдаат велосипедистите во сообраќајот е тоа што возачите не ги забележуваат навремено велосипедистите. Со носењето заштитна кацига со светла боја и рефлектирачка површина видливоста на велосипедистот е многу поголема.
Правилна употреба – За да овозможи адекватна заштита кацигата треба да биде користена на правилен начин. Најважни правила за соодветна употреба на кацигата се: Да се користи соодветна димензија (големина) на кацигата, кацигата не смее да стега, ниту премногу да биде лабава за да овозможи максимална заштита, позиционирањето на кацигата во предниот дел треба да биде два прста над очите, кацигата не смее да биде прениско поставена за да не го намалува видното поле на велосипедистот, кацигата секогаш мора да биде цврсто врзана за долната вилица, бидејќи при незгода ако не е врзана може да падне од главата и да ја изгуби функцијата.
На светско ниво застрашувачки 97% од загинатите велосипедисти во сообраќајни незгоди не носеле заштитна кацига.
РСБСП наведува дека користењето на сертифицирана кацига за велосипедисти, наспроти несертифицирана го намалува ризикот од повреда на главата за седум пати.