Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), денес почна со реализација на кампањата за подигнување на јавната свест за благосостојбата на работните коњи, како дел од приоритетите од Стратегијата за благосостојба на животните. Во рамки на оваа кампања изработен е едукативен аудио и видео спот, постер на македонски, албански и ромски јазик и билборди кои ќе бидат поставени во Скопје, Тетово, Битола, Штип и Прилеп.
Кампањата за благосостојба на работните коњи е една од компонентите на кампањите за подигнување на јавната свест за благосостојбата на животните, со која во рамки на проектот “Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи” се опфатени и фармските животни, зголемување на контролата на популацијата бездомни животни преку зајакнување на одговорното сопствеништво, за благосостојба на животните за време на транспорт, благосостојба на кокошките несилки и за благосостојбата на животните при колење.
Проектот е вреден 1,6 милиони евра и се реализира со финансиска поддршка од Европската унија во рамки на ИПА 2015. Агенцијата за храна и ветеринарство е носител на активностите на овој проект, кои се реализираат во соработка со Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Почетокот на кампањата е со заедничкиот состанок кој денес Агенцијата го одржа со претставници од Министерството за внатрешни работи, Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, Град Скопје, Општина Шуто Оризари и Коњичкиот клуб Бравадос – Скопје. На состанокот се дискутираше за клучните аспекти, потенцијалните решенија и потребата од подигнување на свеста на сопствениците на коњи кои ги користат за влеча, превоз и работа, но пред се за потребата од унапредување на здравствената заштита и благосостојбата на оваа категорија животни, која претставува и сериозен сообраќаен и безбедносен проблем на патиштата, особено во урбаните средини. Недоволната грижа за овие животни, влијае директно на нивното здравје и работна способност, а сериозно ја загрозува и благосостојбата, не само на животните туку и на нивните сопственици, бидејќи коњите претставуваат ресурс за остварување на приход и преживување на многу семејства.
За оваа категорија животни, до Агенцијата за храна и ветеринарство се упатуваат голем број претставки од страна на невладините организации, но и од граѓаните кои алармираат за негрижа за здравјето и благосостојбата на работните коњи. Животните често се во лоша здравствена кондиција, се доведуваат и до изнемоштеност. За жал, и покрај спроведените инспекциски постапки, состојбата со заштитата на овие категории животни засега е непроменета.
Прашањата за заштитата и благосостојбата на животните во Република Северна Македонија е уредена со Законот за заштита и благосостојба на животните и со подзаконски акти. Законската регулатива во овој дел е целосно усогласена со Европската. Законските обврски за заштита и благосостојба на коњите, кои се однесуваат на сопствениците и одгледувачите, регулирани се со Законот за заштита и благосостојба на животните, со Кривичниот законик, со членот 233 кој се однесува на измачувањето на животни. Ова прашање го регулираат и законите од областа на безбедноста во сообраќајот и комуналните закони.
За чување и употреба на работните коњи, согласно Законот за заштита и благосостојба на животните неопходно е да бидат исполнети минимум услови. Животните не смее да се изложени на глад и жед, да се заштитени од неудобност и да се сместени во средина која е соодветна за нивниот вид. Тие треба да бидат заштитени и од болка, повреда или болест, неминовно е да им се овозможи нормално однесување, а неминовно е да се води сметка и да не бидат изложени на страв и вознемиреност.
На коњите треба редовно да им се обезбеди свежа вода за пиење и храна со соодветна хранлива вредност, хигиенски исправна и соодветна за нивната возраст заради одржување на здравјето, физиолошките потреби и работната кондиција. Во случај кога коњите не се во добра здравствена состојба, или покажуваат промени во однесувањето, сопственикот и/или одгледувачот без одлагање треба да преземе мерки да ја утврди и отстрани причината. Доколку преземените мерки не покажуваат ефекти, сопственикот и/или одгледувачот треба веднаш да повика ветеринар.
Забрането е предизвикување на болка, патење или повреди, сурово и нехумано однесување кон коњите! Забрането е присилување на животните на работа која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност.