Министерот за надворешни работи, Бујар Османи се сретна со овластениот министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Гент Цакај, кој престојува во официјална посета на нашата држава.
Министерот Османи изрази задоволство за досегашната интензивна и плодна билатерална соработка со нашиот сосед и пријател Албанија, која сега е и наш сојузник во НАТО, како и близок партнер во напорите за нашата интеграција во Европската унија. Северна Македонија е подготвена за продлабочување на севкупните односи во сите сегменти на меѓусебната соработка.
„ Синоќа доцна слетав од Атина, каде имав средба со мојот колега Дендијас, а еве денес во билатерална посета на Северна Македонија е колегата Цакај од Албанија. Радува фактот што добрососедските односи остануваат приоритет на надворешните политики на земјите од регионот, како најважната придобивка за интеграција на целиот Балкан во европските институции“, посочи Османи
Министерот Османи ја искористи приликата да ги поздрави ангажманите на Албанија во рамките на нивното претседавање со ОБСЕ, во услови кога Европа се справува со сериозни закани за нејзината безбедност и последици врз демократските токови.
Министерот Цакај, честитајќи го изборот на министерот Османи и посакувајќи му успех во извршувањето на новата одговорна функција, ја нагласи подготвеноста на Албанија за натамошно унапредување на севкупната соработка, како и интензивирање на соработката меѓу Министерствата за надворешни работи на двете пријателски земји.
Акцентот на разговорите беше ставен на приоритетите на двете земји во остварувањето на заедничката стратешка цел за членство во ЕУ и во таа насока,напорите за формално започнување на преговорите за членство до крајот на оваа година.
Разменети беа мислења за регионалната соработка, која е клучна за европската перспектива на нашиот регион. Во тој контекст, беше поздравено потпишувањето на договорот за нормализација на економските односи меѓу Белград и Приштина, како значаен чекор кон нормализирањето на нивните меѓусебни односи, за стабилноста на регионот и интензивирањето на економската соработка, сето во полза на благосостојбата на нашите граѓани.
Една од темите беа и актуелните здравствени предизвици и епидемиолошки состојби во двете земји и во глобални рамки, мерките и активностите кои двете држави ги преземаат во борбата со вирусот Ковид-19, а во рамките на кои беше поздравена досегашната соработка и меѓусебна помош меѓу Северна Македонија и Албанија.