Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе ја има својата прва официјална средба како предводник на надворешната политика на земјава, со министерот за надворешни работи на Грција,Никос Дендиас.
Според предвидената агенда, ќе бидат отворени бројни теми во рамките на билатералната соработка меѓу двете земји, како и актуелностите околу политичката динамика во регионот. Османи на средбата ќе ја отвори темата и за претстојните заклучоци во рамките на телата на Европската Унија, за усвојување на преговарачката рамка за Република Северна Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција за време на Германското претседателство, како формален старт на преговорите за полноправно членство во ЕУ.
Посебен фокусна средбата на двајцата министри ќе биде ангажманот и активностите на двете министерства кои претстојат во функција на интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог и вкупната соработка во различни области, согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на преземените обврски од Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји (Преспа).
На средбата се очекува да бидат отворени и сите останати теми од областа на билатералната соработка: реактивирање на размената во културата, поттикнување на комуникацијата и активностите за унапредување на економската соработка, прашањата за забрзување на проектите за гасната и железничката интерконекција, како и сите останати прашања од областа не севкупната општествена и политичка размена.
На средбата се очекува посебен осврт да се даде и на работата на експертските комисии за унапредување на добрососедските односи,како и на разгледувањето на можноста за нивна поинтензивна комуникација и непречена работа во услови на пандемијата Ковид-19.
Османи на почетокот на мандатот најави интензивирање на комуникацијата со соседите, издигнувајќи го прашањето за добрососедските односи како врвен приоритет на надворешната политика, за што се очекува темите од оваа област да бидат во фокусот на неговата агенда во претстојниот период, се наведува во соопштението на МНР.