Утрински Весник
Свет

Висок претставник на ОАЕ: Палестинците треба да сакаат да си помогнат себеси

Висок претставник на ОАЕ: Палестинците треба да сакаат да си помогнат себеси

Палестинците треба да сакаат да си помогнат себеси и да сфатат дека договорот за нормализација на односите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел ќе им помогне за нивната кауза ако го дозволат тоа, изјави висок дипломат од ОАЕ за „Тајмс оф Израел“ пред почетокот на потпишувањето на договорот на церемонијата во Белата куќа.

„Тие треба да сакаат да си помогнат себеси и наместо да ги користат традиционалните критики и клетви, да сфатат што се обидуваме да сториме. Договорот ќе помогне наместо да ја попречува палестинската кауза“, тврди помошникот министер за култура и јавна дипломатија, Омар Саиф Гобаш.

Гобаш ги повика палестинските власти да ја искористат можноста да се вратат на преговарачката маса со Израел, истакнувајќи го барањето на ОАЕ Израел да ја запре анексијата на Западниот брег во замена за договорот.

„Користејќи го она што успеавме да го постигнеме, ги охрабруваме Палестинците да се обратат до Израелците и американските власти и да размислат што е можно“, рече тој.

Според Гобаш, ОАЕ во последниве години развија „нови интереси… освен традиционалните арапско-исламски“ и токму тие интереси доведоа до договор за нормализација на односите.

„Додека откривме дека имаме нови интереси, тоа не значи дека се откажуваме од традиционалната лојалност. Новите врски на ОАЕ со Израел ќе ни овозможат да се бориме за палестинската кауза зборувајќи директно со нашите израелски пријатели и партнери за некои од прашањата што нè засегаат. Ние нема да преговараме во нивно име, но велиме дека има простор да се оди напред и веруваме дека го создадовме тој простор со овој договор “, рече тој.

За разлика од мировните договори кои Израел ги склучи со Египет и Јордан, пактот со ОАЕ ќе резултира со „топол мир“, рече Гобаш.

„Една од клучните идеи за кои се согласивме е дека ова ќе биде топол мир и очекуваме да има многу интеракција меѓу луѓето на начин на кој другите форми на мир во регионот не биле. Веќе постои голем интерес и љубопитност за кошер храната, хебрејскиот јазик, за начинот на живот и за тоа какви се навистина Израелците”, рече тој.

 

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници