Утрински Весник
Свет

Италија ги отвори училиштата – премиерот призна дека ќе има проблеми

Италија ги отвори училиштата – премиерот призна дека ќе има проблеми

Пo шест месеци рестриктивни мерки, најдолгите во Европа, Италија денеска ги отвори повеќето училишта, тестирајќи ги владините организациски вештини, трпеливоста на наставниците и самоконтролата на возбудените ученици.

Училиштата во 13 од 20 италијански региони претпазливо ќе ја продолжат наставата во училниците, повикувајќи 5,6 милиони ученици на училиште. Останатите седум региони одлучија да го одложат почетокот на учебната година за една недела.

„ Од страна на нас наставниците и меѓу учениците постои големо чувство на возбуда. Среќни сме што се гледаме повторно, но исто така е предизвик да не се доближуваме едни со други”, рече Патризија Зукета, наставничка во основно училиште во Рим.

Владата ги затвори училиштата на почетокот на март за да го запре ширењето на коронавирусот. Обидите да се направат училниците побезбедни беа исполнети со контроверзии.

„ Ќе има проблеми на почетокот“, призна вчера италијанскиот премиер Џузепе Конте, за почетокот на учебната година.

Голем дел од 2,4 милиони единечни клупи за кои се претпоставува дека ќе гарантираат физичка оддалеченост не стигнаа на време, предупредуваат синдикатите, а илјадници работни места за наставници сè уште не се пополнети. Постарите вработени пак, од друга страна, се загрижени поради ризикот од инфекција.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) објави дека 59 проценти од италијанските наставници и професори се над 50 години, што е највисоко во западниот свет.

Во Италија досега починале 35,5 илјади луѓе од ковида-19, најмногу во Европската унија, а бројот на нови случаи расте во последните неколку недели.

„ Ние ги следиме безбедносните протоколи, но постои страв, но пред сè неизвесност за тоа како ќе изгледа оваа година. Многу наставници се многу загрижени”, рече Алесандро Капата, заменик-директор на средното училиште „Авогадро” во Рим.

Родителите исто така се загрижени. Училиштата велат дека децата со најмали симптоми на настинка или грип мора да останат дома. Учениците постари од шест години мора да носат маски надвор од училницата и да избегнуваат физички контакт.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење