Утрински Весник
Свет

Акар: Грција ги крши меѓународните договори со вооружувањето на 18 острови

Акар: Грција ги крши меѓународните договори со вооружувањето на 18 острови

Грчкото кршење на меѓународните договори со вооружувањето на 18 острови во Егејското Море служи само за ескалација и за саботажа на дијалогот, изјави  турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, пренесува „Анадолија“.

„Грција треба да го остави настрана провокативното однесување што дополнително ги зголемува тензиите во регионот,“ изјави Акар.

Истакнувајќи ја важноста на дипломатијата во решавањето на споровите, Акар посочи дека Турција секогаш е за дијалог и за мирни решенија.

„Според нас, тензиите и провокации не помагаат никому, особено не на Грција. Ние сме за дијалог. Сакаме нашите проблеми што ги имаме тука да добијат политички решенија по мирен пат,“ рече Акар , додавајќи дека Турција ќе продолжи да ги брани своите права во регионот.

Критикувајќи ја посетата на грчкиот претседател на Мегисти за прославите на независноста, турскиот министер за одбрана рече:

„Како да нема друг остров за прослава, тие доаѓаат на овие. Овие потези, се разбира, не вознемируваат“.

Грција се обиде да положи право над стотици милји поморска територија од Мегисти, остров од 26 квадратни километри на само 2 км од турскиот брег, но сепак 600 км од Грција. Во услови на напнатост, грчките трупи се мобилизираат на Мегисти – остров демилитаризиран преку долгогодишни договори.

Акар нагласи дека Грција со наоружување на островите дополнително ги зголемува тензиите.

„Кршејќи ги меѓународните договори, Грција вооружи 18 острови. Со тоа доведува до ескалација на тензиите, го уништува меѓусебниот дијалог . Грчкиот народ не би требало да се согласува со иницијативите на Макрон и не треба да биде жртва на обидот на Макрон за самоспасување. Јасно е дека политиките на господин Емануел Макрон пропаднаа. Тој се обидува да игра некои улоги за да го прикрие тоа“, додаде тој.

Потсетувајќи на техничките разговори во НАТО, Акар рече дека Турција е за изнаоѓање политичко решение за проблемите преку дијалог и преговори и ги поддржува сите видови иницијативи во оваа рамка. Тој порача дека Турција е подготвена да ги продолжи преговорите под покровителство на НАТО.

„Подготвени сме да бидеме домаќини на четвртиот состанок. Нека дојдат. Ние сме во право, нема да се двоумиме за да се сретнеме“, рече Акар, а потоа се осврна на активностите на наменскиот брод „Оруч Реис“, кој спроведува мисија на сондажни истражувања на енергетските ресурси во Источниот Медитеран.

„Во рамките на планот, тој ќе се движи напред-назад. Нема збор за откажување од своите права на тоа подрачје“, рече турскиот министер.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се урна товарен авион врз станбен кварт во близина на аеродромот во Вилнус

Блискиот исток, Украина и Трамп се на агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7

Во Бејрут прекин на наставата во училиштата и универзитетите до крајот на декември