Најмалку 33 лица загинаа во пожарите во близина на западниот брег на САД, од Калифорнија на југ до државата Вашингтон на север. Горат пожари во Калифорнија, Орегон и Вашингтон, а квалитетот на воздухот значително се влошил поради пепелта.
Спасувачките екипи, со помош на обучени кучиња, прават обиколки во загрозените области на трите американски држави, кои претрпеа најтешки последици од пожарот, во потрага по преживеани и пронаоѓање на телата на можните жртви.
Најмалку шест лица загинаа во Орегон, според податоците на локалната веб-страница.Гувернерот Кејт Браун рече дека десетици граѓани се водат како исчезнати во три области.
Во моментов, ситуацијата е поповолна за делување на противпожарните екипи, бидејќи по четири дена високи температури и силен ветер, за време на викендот, температурата започнала да опаѓа и ветерот се смирил, јавуваат тамошните медиуми.
Белата куќа објави дека американскиот претседателот Доналд Трамп ќе ги посети официјалните лица во Калифорнија. Тој претходно рече дека гувернерите на земјите од западниот дел на САД носат дел од одговорноста заради кризите предизвикани од пожарите во последните години, како што посочи, поради несоодветното одржување на шумите.
Џо Бајден, противкандидатот на претседателот Трамп на претстојните избори во ноември, ги поврза причините за пожарите што го погодија западниот дел на САД со климатските промени.
Во ноември 2019 година, САД започнаа да се повлекуваат од Договорот за климатски промени, потпишан во Париз, чија цел е да се спречи појавата на глобалното затоплување, како и развојот на нови еколошки технологии во производството и индустријата.