Утрински Весник
Македонија

Груби: Правдата нарачана по телефон заврши, мојата мисија е целосна еднаквост во општеството

Груби: Правдата нарачана по телефон заврши, мојата мисија е целосна еднаквост во општеството

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска одржа прес-конференција на која истакна дека неговата мисија е рамноправноста, рамноправност во правата, но и во одговорноста.

„Јас сум почестен да ви служам како Прв вицепремиер во историјата на нашата земја, позиција која е договорена за да гарантира кохезија и координација во владината коалиција и за спроведување на политиките од ресорите и колективот, но и за замена на премиерот во негово отсуство. Оваа поинаква кохезија, оваа конструктивна работна атмосфера ја чувствуваат нашите граѓани и нашите меѓународни пријатели уште од првиот ден. Граѓаните му веруваат на овој голем чекор кон потполната рамноправност која ќе се спроведе и во последните 100 дена со изборот на првиот Премиер Албанец по полн политички мандат. Сето ова, заедно со начелото на искрено партнерство и консензуалност ја направија оваа Влада издржлива и силна, направија оваа Влада да го претставува целото општество“, рече Груби.

Додаде дека како Прв заменик на претседателот на Владата, надлежен за координација помеѓу политичките ресори обврска му е да се грижи за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, но и за добра и ефикасна кохезија на општеството еднакво за сите.

Најави дека во соработка со министерот за информатичко општество и администрација, во најкус можен рок, ќе обезбедат распоредување на сите вработени во согласност со Охридскиот рамковен договор во државните институции. Ќе ги признаат факултетските дипломи на сите административци и ќе ги мотивираат да се надградуваат и својата иднина да ја гледаат во земјата.

„Ќе започнеме да ги мониторираме потребните реформи за потполна рамноправност на граѓаните, вклучувајќи ја и не селективната правда преку ветингот. Не може да постои една правда за едниот а различна за другиот, ниту пак една за граѓаните а друга за политичарите. На правдата испорачана по телефон и дојде крајот“, рече Груби.

Додаде дека ќе ја интензивираат динамиката на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, ќе ги комплетираат Агенцијата за употреба на јазиците и на Инспекторатот за употреба на јазиците.

„Ќе соработувам со моите колеги за зголемување на квалитетот на образованието и културата, како области кои придонесуваат за зближување на граѓаните. Исто така ќе соработувам со бизнис-секторот за поддршка на добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција и почитување, правична и соодветна застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја, Исто така силно ќе го поддржам спротивставувањето на верската индоктринација, религиозната и етничката нетрпеливост која се продуцира во медиумскиот простор и социјалните мрежи; Силно ќе работиме во насока на одржување на постојаното пријателство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија“, рече Груби.

Тој додаде дека оваа Влада ги става граѓаните во првите ВИП седишта и ќе ги слуша и ќе работи за нив.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Камерите го снимија моментот на кршењето на стаклото на Бугарската амбасада во Скопје

ТДП ја потврди победата во Центар Жупа

ДИК со првични неофицијални резултати од гласањето во четири општини