Постојат серозни сомненија дека Лазе Велковски од позиција на началник на организиран криминал при МВР извршил кривично дело примање поткуп и на сметка на приватна фирма бил на одмор во Охрид во времетраење од цели два месеци, изјави денеска на прес-конференција, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите кои ги објавија медиумите, Велковски во период од 20 јули до 10 септември престојувал во Охрид во приватна вила, каде ден чини 90 евра, а целиот одмор бил платен 4.000 евра. Која е причината приватна фирма да го плати одморот за Лазе Велковски?! Лазе Велковски не е обичен граѓанин, туку е началник на организиран криминал и корупција?! Доколку на истиот, приватна фирма му го платила одморот е извршено кривичното дело примање на поткуп од чл.357 од КЗ според кој е предвидена казна затвор од 1 до 10 години. Постојат сомнежи согласно написите во медиумите дека кривично дело во случајов е извршено и од страна на фирмата која му го плаќа одморот на Лазе Велковски, односно истата понудила поткуп, што е исто така казниво согласно чл.44 од КЗ“, рече Ѓорѓиевски.
Тој праша, со што Лазе Велковски заслужил приватна фирма да му ги плати трошоците за одмор во висина од 4000 евра.
„Дали Велковски извршил активности спротивно на закон и со тоа си го обезбедил одморот?! МВР е сериозна структура која работи по принципот на строга хиерархија и субординација, оттука се поставува прашањето дали за ваквите негови активности знаел и Оливер Спасовски и дали тој премолчел или можеби учествувал во истите?!“, додаде Ѓорѓиевски.
ВМРО-ДПМНЕ очекува ДКСК и ЈО веднаш да отворат случај, бидејќи, како што велат, ова е огромен скандал за кој мора да има разрешница.
Од опозицијата додаваат дека Велковски не застанал тука, туку злоупотребите ги продолжил и со користење на службено возило за приватни потреби исто така во времетраење од 2 месеци. ВМРО-ДПМНЕ бара министерот Оливер Спасовски итно да го разреши Велковски, а органите на прогонот да продолжат со постапките за утврдување на негова кривична одговорност. Дополнително, како што додаваат, одговорноста не смее да застане со разрешувањето на Велковски, туку неопходно е и Оливер Спасовски да си поднесе оставка и да дозволи органите на прогонот да го испитаат целиот случај и за негова евентуална вмешаност.