Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Спроведувањето на наставата преку дигитални платформи останува предизвик за сите

Пендаровски: Спроведувањето на наставата преку дигитални платформи останува предизвик за сите

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати и ја отвори јавната онлајн трибина „Дигитализација и образование“ во чиј фокус се предизвиците поврзани со дигитализацијата во образованието и трансформациите кои не очекуваат во иднина во оваа област.

Пендаровски истакна дека во овие процеси е нужно да постои партнерство на државните институции со учените луѓе, со граѓанскиот сектор, со цел да се најдат решенија засновани на потребите на граѓаните.

„Неспорно е дека спроведувањето на наставата преку дигиталните платформи останува предизвик, посебно за држава со мали ресурси, како што сме ние, и за оние кои ја изведуваат наставата, но и за учениците и студентите, за родителите, за секој од нас. Сведоци сме во последно време на интензивни дебати во врска со дигитализацијата на образованието и со оглед на тоа дека сега сме во процес на трансформација, јас мислам дека вистинскиот збор е транзиција од традиционалните кон новите методи на настава и оттука, се разбира, дека има голем простор за наше подобрување“, кажа Пендаровски.

Генерално, додаде тој, дигитализацијата во образованието отвора извонредни можности за олеснување на образованието на сите граѓани и нашите досегашни искуства на овој план мора да се искористат и по завршувањето на кризата со Ковид-19.

„Достапноста на образованието за сите и надминувањето на физичките бариери е, според мене, неверојатен бенефит за секоја индивидуа и за општеството во целина. Затоа треба да бидеме подготвени да инвестираме во информатичките технологии и да ги развиваме дигиталните алатки, но пред се и над се, генерално зборувајќи, да работиме на дигиталната писменост“, кажа Пендаровски.

 

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Возач тешко повреден откако со „Фиат“ излетал кај ГП Дојран

Граѓани поднесоа кривична пријава против Зоран Витанов за „Мајворлд“

Брачен пар физички нападнат во подземна гаража во Центар