Израелското признавање на Косово како независна држава ќе ги влоши односите со Србија и покрај тоа што е во рамките на договорите што земјите од Балканот ги потпишаа во Белата куќа, изјави извор близок на српскиот претседател Александар Вучиќ за „Џерусалим пост“ во средата.
„Србија нема да ја премести својата амбасада во Ерусалим ако Израел го признае Косово како независна држава. Покрај тоа, овој потег на Израел би им наштетил на инаку блиските односи меѓу Израел и Србија и тие никогаш повторно нема да бидат исти“, вели изворот, кој е запознат со договорите потпишани во Вашингтон.
Изворот додаде дека многумина тврдат дека ако Израел го признава Косово, тоа ќе биде слично на земјите што еднострано ја признаваат Палестина.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но Белград го смета за автономна зона. Израел не го признаваше Косово повеќе од една деценија поради загриженост за нарушување на силните врски со Србија и за да избегне поставување преседан за признавање на палестинска држава.
Србија и Косово истовремено потпишаа одделни договори со САД во петокот. Договорите ќе овозможат поголеми економски врски меѓу земјите. Критичарите изјавија дека содржината на договорите не ги унапредува врските Србија-Косово и се состои од активности што тие веќе ветија дека ќе ги преземат во разговорите со посредство на ЕУ.
Покрај тоа, во договорот со Косово стои дека Израел ќе ги нормализира врските со земјата со муслиманско мнозинство, која ќе отвори амбасада во Ерусалим. Во договорот на Србија се вели дека и тие ќе отворат амбасада во Ерусалим. Претходно оваа година, Србија објави дека ќе отвори трговска канцеларија во главниот град.
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Косово ќе ги нормализира своите односи со Израел и дека Србија ќе ја премести својата амбасада во Ерусалим. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, нагласи дека Косово, кое одлучи да ги нормализира односите со Израел, својата амбасада ќе ја отвори во Ерусалим.
И Србија и Косово сакаат да влезат во Европската Унија, а Србија веќе започна преговори за ова прашање. Портпарол на ЕУ, во врска со договорите, во понеделникот рече дека сите дипломатски чекори што можат да го доведат во прашање заедничкиот став на ЕУ за Ерусалим се причина за сериозна загриженост.