Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: Барајте од нас политичарите одговорност оти сме должни да работиме во ваш интерес

Пендаровски: Помирување ни е потребно повеќе од било кога

Пред скоро три децении, во 1991-та, на референдум, убедливо мнозинство наши граѓани гласаа да живеат во независна, слободна и демократска Република Македонија. Оттогаш имавме и напредок и падови во борбата за демократски вредности, наведува во писмено обраќање претседателот, Стево Пендаровски, по повод празникот 8 Септември-Денот на независноста.

Патот по кој тогаш тргнавме не е лесен, вели Пендаровски и додава дека тој пат бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот.

„Демократијата не препознава дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, боја на кожа, пол, сексуална ориентација, социјално потекло, верско или политичко уверување, попреченост или која било друга основа. Оваа година беше тешка и за нас и за светот поради пандемијата на Ковид-19. Криза која ги зафати сите сфери на нашето живеење и остави трајни последици врз начинот на кој работиме, се дружиме, начинот на кој учат нашите деца. Пандемијата сигурно ќе биде со нас уште некое време и ќе донесе дополнителен притисок врз целото општество. Но, со заеднички сили и посветена, напорна работа можеме да ги надминеме тие проблеми“, се наведува во обраќањето на претседателот.

Пендаровски потсетува и на успесите постигнати годинава, меѓу кои ги наведува решавањето на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи и полноправното членство во НАТО.

„Оваа година очекуваме уште еден успех – формален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ако постои национален консензус за тоа на зборови, сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите затоа што тие се исклучително значаен инструмент за подобрување на животот на сите наши граѓани. Почнувајќи ја триесеттата година на нашата независност, очекувам, Вие граѓаните да останете гласни и постојано да барате од нас политичарите одговорност затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес. Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку до сега. Со многу работа и со меѓусебно почитување тоа сигурно ќе го постигнеме“, се додава во обраќањето на Пендаровски.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

ЦУК: На бројот 112 во изминатото деноноќие 1697 повици, се гаселе девет пожари на отворен простор

Јавното обвинителство презема дејствија за расчистување на настанот со сквернавењето на македонското знаме

Средба на министерот Муцунски со Комесарот за трговија на Обединето Кралство, Крис Бартон