Утрински Весник
Свет

(Видео) Уапсен осомничен за нападите со нож во Бирмингем

(Видео) Уапсен осомничен за нападите со нож во Бирмингем

Британската полиција рано утринава уапси 27-годишно момче под сомнение за убиство и седум точки за обид за убиство по низата напади со нож во Бирмингем, централна Англија, за време на викендот, пренесува „Брејтбарт“.

„Јасно е дека ова е клучен развој, но нашата истрага продолжува“,  изјави Стив Греам, командантот на полицијата во Бирмингем, по апсењето.

Полицијата од Вест Мидлендс соопшти дека осомничениот останува во притвор откако бил уапсен околу 4 часот утринава. Апсењето уследи по големата полициска потрага по нападот во раните утрински часови во неделата. Во нападот загина 23-годишно момче, а друго момче и девојка, на возраст од 19 и 32 години, остануваат во критична состојба поради сериозни убодни рани.

Еден човек, кој тврди дека бил очевидец на нападот, по инцидентот изјавил дека осомничениот е „црно момче“ и дека го видел како избол жена неколку пати во вратот. „Скај њуз“ објави снимка од сведокот, идентификуван како Савас Сфранциз, сопственик на локален бар.

„Таа почна да вреска дека момчето ја боде. Беше прометен период и луѓето почнаа да паничат кога ја видоа девојката на земја, а имаше уште едно момче понатаму на средина од патот“, рече Сфранциз, велејќи дека случајните минувачи првично бавно реагирале зашто мислеле дека осомничениот само ѝ го украл ѓерданот.

Сфранциз вели дека нападот изгледал многу случаен според начинот на кој бил изведен бидејќи тој „само отишол до неа и ја прободел со нож“.

„Никогаш не сум видел такво нешто“, вели тој.

Тој го опиша осомничениот како морничаво спокоен и посочува дека воопшто и не се обидел да избега со трчање, туку само се оддалечил од својата жртва сè додека двајца машки минувачи не почнале да го бркаат од местото на настанот.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Британската полиција се подготвува за немири по убиствата во Саутпорт

САД испраќаат воени бродови и „ловци“ на Блискиот Исток

Изборна комисија на Венецуела: Мадуро победник на изборите