Европската Унија треба да воведе санкции против Турција доколку продолжи да ги крши човековите права и грчкиот суверенитет на истокот на Средоземното Море, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц.
„Опасно е да се создаде впечаток дека се применуваат двојни аршини. Правилно е да се воведат санкции за Белорусија, а што правиме со Турција?“, изјави Курц за италијанскиот весник „Република“.
„Во затворите има новинари и членови на опозиција. А сега се крши меѓународното право против Грција. И што правиме? За мене е неодржливо секогаш да го прифаќам однесувањето на (турскиот претседател Реџеп Таип) Ердоган“, додаде тој.
„Ние сакаме да се повлечат јасни црвени линии. А ако тие бидат преминати, сакаме да има последици од тоа, до санкции. Грција е членка на ЕУ и однесувањето на Турција е неприфатливо за мене”, рече тој.
Грција и Турција се во расправија околу експлоатацијата на природен гас. ЕУ е на страната на Грција, тврдејќи дека Турција бара природен гас во водите што се дел од ексклузивната економска зона на Грција.
Во едно интервју, Курц го обвини Ердоган дека мигрантите ги користи како уценувачко оружје против ЕУ, осврнувајќи се на нерегуларните гранични премини од Турција кон Грција.