Следува ред, правда и дисциплина на сите нивоа, а судиите што застаруваат предмети ќе бидат разрешени, велат од владејачкиот СДСМ преку соопштение.
Од партијата истакнуваат дека приоритет на Владата е градење на силна ефикасна правна држава која бескомпромисно ќе се бори против криминалот и корупцијата и ќе гарантира независен правосуден систем.
„Судиите кои намерно застаруваат предмети по автоматизам ќе бидат разрешувани, предметите ќе се следат електронски, па ако се утврди дека некој во правосудството не постапувал со цел да застари предметот, тој судија или обвинител ќе биде разрешен по автоматизам“, велат од СДСМ.
Како што додаваат, ќе се врши детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители, како и ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор. Поради неопходноста на ред и дисциплина во сите институции, како и отчетност и транспарентност на службите, СДСМ нагласува дека се воведува законска обврска за јавна објава на трошоците на сите функционери во централната, локалната, но и судската власт.
„Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат правда и конечно да почне да се применува законот за сите подеднакво. Законот за Јавно обвинителство гарантира дека политиката не може да интервенира во судските одлуки и дека сите предмети од висок криминал и корупција ќе имаат завршница“, додава СДСМ во соопштението.