Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот.
Оваа година градските власти имаат предвидено 2 милиона денари за оваа мерка, или вкупно средства за доделување на околу 1.660 субвенции.
Со оваа мерка Градот ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари.
Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 1 јануари годинава, a Јавниот повик трае заклучно со 30 ноември и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена.
Повеќе информации за јавниот повик можете да добиете на следниот линк.