Утрински Весник
Македонија

Пуштена во употреба монтажната амбуланта за пулмологија

Пуштена во употреба монтажната амбуланта за пулмологија

Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Дејан Докиќ, денеска го пуштија во употреба новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел, лоциран во непосредна близина на зградата на интерните клиники.

„Во овие нови амбуланти се сместени сите потребни инструменти и апарати за да се примат, прегледаат и брзо дијагностицираат сите пациенти коишто имаат проблеми со белите дробови, а доаѓаат и бараат услуга од клиниката за пулмологија којашто е врвна и единствена терциерна установа во нашата земја од таа област. Со ова, постигнуваме неколку работи: сите пациенти коишто имаат проблеми со белите дробови ги одделуваме од сите други пациенти во останати амбуланти, а досега беа тие сите на едно место и со тоа го намалуваме ризикот од трансфер на коронавирусот на пациентите коишто доаѓаат овде во Клиничкиот центар за некаква друга симптоматологија“, изјави Филипче.

Истовремено, додаде тој, се ослободува простор на местото кадешто досега беа овие амбуланти и дополнително ќе се доделат на клиниките за гастроентерохепатологија и нефрологија, за да се обезбеди повеќе физички простор за време на чекањето, а секако со тоа и дополнителна апаратура којашто таму ќе се смести.

Во новиот објект се наоѓаат засебни чекални и простории за администрирање, приоритетна амбуланта за прием на интервентни пациенти, амбуланти и кабинети за спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две простории – дневни болници за сместување на амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба и слично.

Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, д-р Дејан Докиќ посочи дека во новите амбуланти, за разлика од старите, во посебни простории ќе се изведуваат различни дијагностички и амбулантски процедури, што создава можности за помала концентрација на пациенти на едно место и запазување на мерките и протоколите, кои го спречуваат ширењето на вирусот.

Објектот е лесно пристапен со моторни возила преку крак од улиците на комплексот на клиничкиот центар, има директен пристап и обезбедени паркинг места за возилата на итната медицинска помош.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Филипче по средбата со Давкова: Укажав дека партизацијата на безбедносните служби мора да запре

Заменик министерот Исени на 115 сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции во Женева

Македонија е избрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) (2025–2027)