Утрински Весник
Свет

Повеќе од 210.000 малолетни мигранти влегле во Европа од 2015 година

Повеќе од 210.000 малолетни мигранти влегле во Европа од 2015 година

Пет години по екот на европската мигрантска криза, најмалку 210.000 малолетни мигранти поднеле барање за азил во Европската Унија, според невладината организација „Спаси ги децата“, пренесува Шведското радио.

Хелена Тајбел, генерален секретар на „Спаси ги децата“, тврди дека од почетокот на мигрантската криза станало потешко за наводно малолетните баратели на азил во Европа, а „Спасете ги децата“ ја критикуваше ЕУ за наводно запоставување на малолетните баратели на азил.

„Ситуацијата на малолетни лица без придружба стана значително потешка од 2015 година како во однос на добивање дозвола за престој така и во однос на нивната животна состојба воопшто. Ова го гледаме и во Шведска и во остатокот од Европа“, рече Тајбел.

„Исто така, гледаме дека малолетни лица без придружба кои наскоро ќе наполнат 18 години се чувствуваат особено лошо затоа што знаат дека губат многу права кога ќе станат полнолетни. И тие се под поголем ризик да бидат депортирани“, додаде таа.

Според извештајот на „Спасете ги децата“, многу од малолетните мигранти завршуваат на улиците на разни градови во Европа, изложени на ризик од насилство и злоупотреба.

Во Берлин, малолетни мигранти наводно биле регрутирани од локални банди за да разменуваат дрога или морале да се впуштат во проституција. Во Париз, банди од наводно малолетни марокански мигранти, кои живеат на улица, го тероризираат населението извршувајќи ситни разбојништва и насилство.

Минатата година еден малолетен марокански мигрант беше уапсен во Париз откако наводно нападнал и прободел со нож осум лица во северниот дел на градот. По апсењето, мигрантот, кој бил во алкохолизирана состојба, не можел да објасни зошто го извршил нападот.

Друг проблем за неколку земји од 2015 година е големиот број мигранти кои тврдат дека се малолетни, но всушност биле возрасни.

На почетокот на годинава, францускиот полициски оддел во Кот-Д’Ор утврдил дека малолетни биле само 20 отсто од мигрантите што ги тестирале, а кои тврделе дека се малолетни. Во Шведска, во 2017 година, студија покажа дека 84 отсто од тестираните малолетни мигранти биле возрасни.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

УНРВА: Во северниот дел на Појасот Газа нема вода, храна и лекови

„Фаненшл тајмс“: Русија регрутира платеници од Јемен да се борат во Украина

Хезболах истрела 150 ракети кон Израел