Утрински Весник
Свет

САД со санкции за претставници на Меѓународниот кривичен суд поради истрагата за Авганистан

САД со санкции за претставници на Меѓународниот кривичен суд поради истрагата за Авганистан

САД во средата воведоа санкции против високи функционери на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, вклучително и главната обвинителка Фату Бенсуда, под обвинение за нелегитивни обиди да ги стават Американците на нивна надлежност.

Во изјавата, американскиот државен секретар Мајк Помпео го опиша МКС како темелно нарушена и корумпирана институција поради судската истрага за наводни воени злосторства извршени од службени лица на САД во Авганистан.

„ Денеска САД преземаат активности за да ги заштитат Американците од неправедна и нелегитимна истрага на Меѓународниот кривичен суд (МКС), која го загрозува нашиот суверенитет и претставува опасност за САД и за нашите сојузници“, забележа Помпео.

„ САД се силен поборник за правда во светот, но не се потписнички на Римскиот статут што го создаде МКС ниту пак некогаш сме ја прифатиле неговата јурисдикција над нашиот персонал. Непромисленоста на МКС нè принуди на овој чекор и не може да му се дозволи на МКС да го спроведе своето политичко таргетирање на персоналот на САД.

Санкциите и визните ограничувања објавени денес се однесуваат на лица кои директно се вклучиле во напорите на МКС да го испитаат персоналот на САД без согласност на САД или материјално ги поддржале лицата кои се назначени за такви дејствија,“ продолжи тој.

Меѓу санкционираните се Бенсуда, за нејзино учество во истрагата на персоналот во САД, и шефот на Одделот за надлежност, комплементарност и соработка, Факисо Мочочоко, за обезбедување материјална помош.

Според санкциите, и Бензуда и Мочочоко ќе бидат додадени во списокот на Канцеларијата за контрола на странски средства на специјално означени државјани и блокирани лица при Министерството за финансии на САД. Оние што продолжуваат да ја поддржуваат истрагата исто така може да бидат санкционирани  во иднина.

Помпео додаде дека овој потег ја одразува американската посветеност на вистинска правда и одговорност.

„ Од судењата во Нирнберг и Токио по Втората светска војна до поновиот суд за поранешна Југославија, Либан и Руанда, САД постојано се обидуваа да го поддржат доброто и да го казнат злото според меѓународното право. Ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Американците се горди што се залагаат за вистината и за правдата. Немаме намера да дозволиме нелегитимните активности на МКС да станат пречка  за тоа “, се вели во неговата изјава.

По објавата, МКС во изјава рече дека одлуката е донесена со декларирана цел да се влијае врз постапките на службените лица на МКС во нивните истраги.

„ Нападот врз МКС претставува напад против интересите на жртвите на злосторства за многумина од кои судот претставува последна надеж за правда“, се вели во соопштението.

Реагирајќи на веста, портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја изрази својата загриженост и вети дека „внимателно ќе ги следи настаните по ова прашање и ќе ги анализира сите можни импликации што овој развој може да ги има во однос на спроведувањето на Договорот“.

Создаден преку договор на ОН во 2002 година, МКС требаше да служи како суд за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства кога националните власти не се во можност или одбиваат да гонат. Сепак, четири од големите светски суперсили – САД, Кина, Русија и Индија – одбија да се вклучат поради наводните согледани предрасуди кон нивните граѓани и не го признаваат неговиот авторитет.

Во јуни, американскиот претседател Доналд Трамп издаде извршна наредба со која им се дозволува на САД да го блокираат имотот на вработените во МКС и да ги спречи да влезат во земјата. МКС ја опиша одлуката како неприфатлив обид да се меша во владеењето на правото.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Крадец од Холандија провалил во куќа, па си зготвил колбаси, полицијата го фатила на дело

Рекорден топлотен бран на Антарктикот, температурите значително повисоки од просечните

Турција го блокира „Инстаграм” – 24info.mk