Претседателот на САД, Доналд Трамп инсистира дека би било добро да се подобрат односите меѓу САД и Русија.
Тој додаде дека веднаш го исклучува телевизорот кога ќе слушне дека се зборува за „заговор“ со Русија.
„Ако успеам да ги подобрам односите со Русија – дали е тоа добро или лошо? Мислам дека е добро“, рече Трамп обраќајќи им се на своите приврзаници на митинг во Пенсилванија, а пренесе „Спутник“.
Говорејќи за демократите, американскиот претседател истакна дека тие секогаш зборуваат за Русија, а никогаш за Кина.
„Тоа е многу интересно. Слушнав дека повторно започнаа. Русија, Русија, Русија. Тие се вистински манијаци. Кога ќе слушам како демократи зборуваат за Русија на ТВ, веднаш го исклучувам. Тоа е лудост“, рече Трамп во однос на обвинувања за заговор со Русија.
Потсетуваме, специјалниот американски обвинител Роберт Мулер две години ги истражуваше наводите за вмешаност на Русија во американските избори од 2016 година. На крајот, тој ги потврди обвинувањата, но во исто време не најде докази за заговор меѓу Доналд Трамп и Русија, чие постоење го демантираа и Кремљ и Белата куќа.